Препораки за водење на лица со хронична миелоидна леукемија (ХМЛ)

recomendations

Хроничната Mиелоидна Леукемија (ХМЛ) е малигно хематолошко заболување кое, благодарение на значајниот напредок во дијагностиката и современите терапевтски можности, денес може успешно да се контролира кај голем број пациенти. Развојот на таргетираната терапија значително го промени природниот тек на болеста и овозможи продолжено преживување и подобар квалитет на живот за лицата со ХМЛ. Сепак, успешното лекување на ХМЛ не се заснова само на изборот на соодветна терапија. Од особено значење се навремената и прецизна дијагноза, редовното следење на одговорот на лекувањето, препознавањето и менаџирањето на несаканите ефекти, како и обезбедувањето добра соработка меѓу пациентот и здравствениот тим.

Оваа брошура е последно издание од 2026 год и е подготвена од ЕЛН -Europian leukemija net ( европска мрежа за леукемија), а Клиниката за Хематологија при Клиничкиот центар “Мајка Тереза” преку своите доктори, Проф. Марица Павкович и Др.Марија Попова изврши усогласување на преводот со медицинска терминологија а се со цел да се обезбедат практични препораки за современ пристап во водењето на лицата заболени од хронична миелоидна леукемија. Таа ги опфаќа клучните аспекти на дијагностиката, проценката на ризикот, изборот и следењето на терапијата, мониторирањето на молекуларниот одговор, како и постапувањето во ситуации кога одговорот на терапијата е несоодветен или се јавуваат несакани ефекти. Посебно внимание е посветено на индивидуализираниот пристап кон секој пациент, имајќи ги предвид карактеристиките на болеста, одговорот на терапијата, придружните заболувања, потенцијалните интеракции со други лекови, како и животните околности и преференциите на пациентот.

Веруваме дека оваа брошура ќе претставува корисна- практична алатка за здравствените професионалци во секојдневната клиничка работа и ќе придонесе кон унапредување на квалитетот и континуитетот на грижата за лицата со ХМЛ. Најважната цел на современиот третман на хроничната миелоидна леукемија е не само контролирање на болеста, туку и овозможување на пациентите да живеат долг и квалитетен живот. Постигнувањето на оваа цел бара континуирано следење, примена на современи научни сознанија и партнерски однос меѓу пациентот и здравството.


Пепо Леви
Скопје, 28 септември 2026

Препораки за водење на лица со хронична миелоидна леукемија (ХМЛ)
Преземи :: 1 MB